Company Joomla Template by Hosting Reviews
made with love from Joomla.it

Откријте ја природата во Општина Новаци (Природна патека)

Категорија: Природа - Nature - Φύση

Откријте ја природата во Општина Новаци. Посетете ги локациите обележани на мапата и добро проучете ја трасата пред да тргните на Вашето патување.

1. Општина Новаци

Почетна точка на оваа траса  е административната зграда на Општина Новаци лоцирана на 9.6 км од Битола. Тука можете да добиете и дополнителни информации во однос на местата кои планирате да ги посетите а и состојбата на патиштата.

novaci

2. Суводолско Езеро

Формирано за потребите на РЕК Битола вештачкото езеро Суводол е една од почесто посетуваните локации од излетниците, планинарите и рибарите.
Оддалечено 9.3 км од Новаци, ова езеро претставува одлична локација за одмор и рекреација.

suvodol-03

3. Село Маково

Сместено на 19.3 км од Новаци, село Маково претставува влезна порта на јужно Мариово. Подигнато е на 850 м.н.в. поради што има остри зими и свеж воздух. Маково е ојконим изведено од хипокористикот Мако. Во 1568 живееле 160 жители. Во Првата светска војна селото многу настрадало.  Во Маково постои храмот Собор на св. Архангел Михаил, изграден 1860 г. во Првата светска војна до темел срушен, а во 1926 подигнат со името Св. Воскресение.
Маковци го слават Велигден.
Манастирот Св. преп. Петка, подигнат и осветен во 2002 година. Се празнува на Петковден.

makovo-01

4. Рапешко Езеро

Оддалечено 22.5 км од Новаци  (32 км од Битола), вештачкото езеро во село Рапеш претставува пријатна глетка за посетителите на овие краеви и вистинско освежување во овој релативно сув регион. Формирано за потребите на сточарите во село Рапеш, ова езеро нуди навистина пријатна локација за одмор и рекреација.

rapesko-ezero

5. Село Рапеш

Село Рапеш е стара мариовска населба. Ојконимот е изведен од Рапол, а тој од Харалампиј или од Рахослав. Во пописните турски дефтери од XV в. се споменува село со 65 жители.
Рапеш е сместено на источната падина на Селечка Планина на н. в. од 700 м. Слава на селото е Спасовден. Храм Св. препод Параскева и Св. вмч.Димитриј. За двата светци подигнат еден храм.
Најпрво изграден некаде кон 1860 г. од камен, со влез од јужната и западната страна, декориран со фрески и икони. Во 1918 гранатиран и разурнат. По војната, во 1919 г. избеганите рапевци се вратиле на своите огништа и го обновиле.
Село Рапеш е лоцирано на 24 км од Новаци.

rapes-01

7. Пат за Брнички водопад

Делницата кон Брничкиот водопад е лоцирана на 25.2 км од Новаци.  Патот кој води до водопадот е планински земјен пат со должина од 3.1 км, погоден само за теренски возила.

8. Брнички водопад

До самиот водопад не постои автомобилски пат, и потребно е пешачење доколку сакате да стигнете во водопадот. Поради оддалеченоста и недостапноста на теренот, се препорачува носење на соодветна опрема за планинарење и придружба од лиценциран планинарски водич.
Кај овој водопад, водата слободно паѓа од 18 метри височина. Водопадот претставува реткост во оваа недопрена природа, со што ги надополнува природните убавини на Мариово.

Во минатото месното население се занимавало со производство на жито, за што зборуваат и остатоците од воденици.
Воденицата пред водопадот на Брничка Река, била воденица за мелење на жито , која била употребувана од жителите на околните села Маково, Рапеш, Брник и Орле, затоа што во летниот период овие села немале вода.
За жал денес се останати само остатоците од таа воденица.
Исто така постојат и остатоци од доводниот канал за воденицата на Црна Река.

vodopad-brnik-mariovo-01

9. Кањонот на Црна Река

Во близина на местото викано „Јасиките“  регионалниот пат Рапеш – Градешница влегува во кањонот на Црна Река. На ова место завршува и асфалтниот и започнува макадамски пат кој е во релативно добра состојба и по него можат да се движат и лесни коли.

kanjon-crna-reka

10. Рапешки мост

Лоциран на Црна Река на 29 км од Новаци, Рапешкиот мост претставува влез во т.н. Старо Мариово.  На ова место често можат да се видат рибари кои ловат по Црна Река, а воедно тоа е и местото најчесто користено за починка од патниците кои патуваат до селата Зовиќ, Брник, Будимирци, Старавина и Градешница.

crna-reka

11. Пат за село Будимирци и Трновски манастир

Делницата за патот до с. Будимирци е на 38.8 км од Новаци, и до селото води делумно асфалтиран макадамски пат во должина од 3 км.

12. Село Будимирци

На надморска висина од 857м од десна страна на Црна Река се наоѓа селото Будимирци кое е типично ридско-планинско село.
Самото име води потекло од древното сесловенско име Будимир (“буди” + “мир”) што во буквален превод би дошло “будење во мир” или “да се биде во мир”.
Атарот на селото се издига до сртот на планината Ниџе, а со еден тесен дел се допира со државната граница со Република Грција. Селото е мошне големо и зафаќа површина од 40,1 км2.
Низ селото поминува реката Белица, која е образувана со спојување на Бела Река и Трновица. Водата во Бела Река е исклучително чиста и богата со автохтона речна пастрмка-Salmo truta fario.
Како резултат на големите миграциони процеси што го зафатиле целото Мариово, така и селото Будимирци со пописот во 2002 година брои само околу 30-тина жители.
Во селото се наоѓа храм на Свети Великомаченик Николај Мириклиски Чудотворец, кој бил подигнат во 1875-1878 година, а по Втората светска војна повторно бил обновен.
Наспроти селото Будимирци, во подножјето на Кајмакчалан, се наоѓа некогашното село Трново. Во ова село се наоѓа храм на Свети Великомаченик Димитриј, кој во минатото бил познат како Трнов Манастир.
Како селска слава што народот ја празнувал во ова Мариовско село, Будимирци, е славата на Преподобна Параскева (Петковден) на 27 Октомври.

budimirci-01

13. Пат до Манастирот Св. Димитриј во месноста Трново (Трновски Манастир)

До  Манастирот Св. Димитриј во месноста Трново води планински земјен пат со должина од 4 км. Патот е погоден само за теренски возила.

14. Манастир Св. Димитриј во месноста Трново (Трновски Манастир)

Недалеку од с. Будимирци постоело селото Трново на 905 метри надморска височина, кое денес важи за напуштена и запоставена област.
Токму во оваа област, во подножјето на Кајмакчалан се наоѓа храмот подигнат во чест на Свети великомаченик  Димитриј.
Храмот кој опстоел со векови, неодамна е возобновен, и конаците од манастирот се сметаат за едни од најубавите во овај дел на Македонија.

manastir-trnovo-01

manastir-trnovo-02

manastir-trnovo-03

manastir-trnovo-05

Вкупна должина на трасата во двата правци:

98 км доколку се тргнува од Новаци
117 км доколку се тргнува од Битола

Надморски висини

Надморските висини на сите места се обележани на интерактивната мапа

Препораки

Препорачана е придружба од лиценциран планинарски водич.
До одредени локации може да се стигне единствено со пешачење или пак со теренско возило. Добро проучете ја трасата пред да тргните на патувањето.